Агенцијата „Интерфакс“ објави дека шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ја откажал посетата на Белград планирана за 6 и 7 јуни откако Северна Македонија, Бугарија и Црна Гора го затворија небото за неговиот авион
Агенцијата наведува дека на прашањето дали заради ова е откажана посетата на Лавров, изворот во руското министерство за надворешни работи, на кој се повикува, одговорил – „Нашата дипломатија сè уште не ја владее телепортацијата“
Посетата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на Србија е откажана откако неколку држави соседи на Србија го затворија своето небо за неговиот авион, изјави неименуван висок извор од руското министерство за надворешни работи за агенцијата Интерфакс, пренесува Ројтерс.
Изворот ги потврдил информациите што ги објавија српските медиуми дека Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затвориле своето небо за авионот со кој утре требаше да допатува во Белград шефот на руската дипломатија.
Агенцијата наведува дека на прашањето дали заради ова е откажана посетата на Лавров, дипломатот одговорил – „Нашата дипломатија сè уште не ја владее телепортацијата“.
Македонското Министертвото за надворешни работи потврди за Радио слободна Европа дека Северна Македонија го одбила барањето на руската амбасада да го искористи воздушниот простор на земјата за летот на Лавров.
Бaрањето на руската амбасада било упатено и покрај фактот дека Северна Македонија на 28 февруари воведе санкции за Русија по почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска оцени дека Србија е доведена во „исклучително комплицирана“ ситуација заради најавената посета на Лавров, додека некои опозициски партии и невладини организации побараа посетатат да се откаже зашто сметаат дека е штетна во време на руска инвазија на Украина.
Инаку, Србија е под притисок да заземе страна во руската инвазија на Украина и не се приклучи кон санкциите на западот против Москва, но поддржа неколку резолуции на Обединетите нации со кои се осудува руската агресија.