Ова го соопштија од Командата на Обединетите нации по започнатите разговори со севернокорејските власти во врска со случајот со американскиот војник кој кон средината на јули влезе од Јужна во Северна Кореја преку силно вооружената граница меѓу двете земји, по што беше приведен
Северна Кореја потврди дека го привела 23-годишниот американски војник Тревис Кинг.
Ова го соопштија од Командата на Обединетите нации (ОН) по започнатите разговори со севернокорејските власти во врска со случајот со американскиот војник кој кон средината на јули влезе од Јужна во Северна Кореја преку силно вооружената граница меѓу двете земји, по што беше приведен.
Оттаму додадоа дека во овој момент нема да даде други детали за одговорот на Пјонгјанг, јави Би-би-си.
Командата на ОН, која ја надгледува демилитаризираната зона, бараше информации за американскиот војник користејќи ја својата директна телефонска линија со војската на Северна Кореја во Заедничката безбедносна зона.
Ова е првпат севернокорејските власи да одговорат, потврдувајќи дека американски војник е во нивен притвор.
Тревис Кинг (23) ѝ се придружил на американската армија во јануари 2021 година, а служел со Корејските ротациони сили, дел од децениската безбедносна посветеност на САД кон Јужна Кореја.
Тој ја преминал границата со Северна Кореја на 18 јули. Пред тоа, Кинг отслужил два месеци во јужнокорејски затвор поради расправија со локалното население. По завршувањето на казната, бил ослободен на 10 јули.
Тој требало да се врати назад во САД и да се соочи со воена дисциплинска постапка, но успеал да го напушти аеродромот и да се придружи на турнејата низ демилитаризираната зона.