Во Апелацискиот суд во Тирана вчера за време на седница смртно беше застрелан судијата Астрит Калаја. Полицијата соопшти дека осомничениот Е.Ш. (30) бил странка во судењето, кој, според наводите на албанските медиуми, пукал во судијата знаејќи дека ќе го изгуби имотниот спор на суд
Сериозен напад врз независноста и достоинството на судиската функција – реагира Здружението на судии на Северна Македонија во врска со вчерашниот настан од соседна Албанија кога судија беше смртно затрелан при вршење на својата службена должност за време на седница на Апелациониот суд во Тирана.

Од македонското здружение на судии изразија жалење и сочувство за трагичниот настан, додавајќи дека овој чин е потсетник оти судиите мора да ја извршуваат својата работа слободно и без страв за личната безбедност.
„Владеењето на правото е можно само кога судството е заштитено од каков било притисок или закана. Здружението упатува апел до сите релевантни институции и чинители во општеството да придонесат кон зачувување на достоинството и безбедноста на судиската професија“,
се наведува во соопштението на Здружението на судии на С Македонија.
Оттаму повикаа на особена внимателност во јавното коментирање на судските постапки и носителите на судската власт, особено од страна на влијателни поединци и структури, оценувајќи дека неодмерените изјави може да создадат атмосфера на недоверба и притисок, што индиректно може да поттикне несакани и трагични настани.
„Остануваме посветени на промовирањето и заштитата на независноста, непристрасноста и безбедноста на судиите, како основа за праведно и демократско општество“,
се додава во соопштението на Здружението.
Во Апелацискиот суд во Тирана вчера за време на седница смртно беше застрелан судијата Астрит Калаја.
Полицијата соопшти дека осомничениот Е.Ш. (30) бил странка во судењето. Во инцидентот се повредени и татко и син – исто така странки во предметот. Албанските медиуми објавија дека судскиот случај е поврзан со имотен спор и дека осомничениот пукал во судијата бидејќи знаел дека ќе го изгуби случајот на суд.