Тој е водечка причина за женска неплодност и причинител за други заболувања, како што се дијабетес тип 2, прекумерна тежина, кардиоваскуларни заболувања, анксиозност, депресија и ендометријален карцином
Десет до 15 проценти од општата женска популација заболува од полицистичниот оваријален синдром (ПЦОС) – комплексно сериозно репродуктивно, генетско, хормонално и метаболно заболување, а во 50 проценти од тие случаи останува неоткриен и недијагностициран. Тоа воедно е и водечка причина за женска неплодност и причинител за други заболувања, како што се дијабетес тип 2, прекумерна тежина, кардиоваскуларни заболувања, анксиозност, депресија и ендометријален карцином.
Според истражувањата, половина од жените со ПЦОС пред 40-годишна возраст развиваат шеќерна болест (дијабетес тип 2 или предијабетес), а кај сите жени со ПЦОС, ризикот за добивање ендометријален карцином се зголемува за трипати, во однос на здравата женска популација. Основите на ова заболување се јавуваат уште во детската возраст преку зголемната телесна тежина и лошите хигиено-диететски навики.
Симптомите на ПЦОС се: нередовни, ретки или отсутни менструации, овулаторна дисфункција-ановулација, инфертилитет (неполодност), ултразвучно детектирани полицистични јајници, пелвична болка, хирзутизам, губење коса, инсулинска резистенција, зголемена телесна тежина, главоболка, анксиозност, депресија и проблеми со спиењето.
За навремено откривање и можност за лекување и избегнување други придружни заболувања, клучна е добрата информираност, едукацијата, да се знае дека постојат специјалисти кои работат со оваа проблематика, со максимална поддршка за подобрување на квалитетот на репродуктивниот и севкупно, животот на секоја жена.
Септември е одреден како меѓународен месец за кревање на свесноста за синдромот на полицистични јајници.
