Во извештајот на Сенатот се наведува дека меѓу низата пропусти на Тајната служба е и одбивањето на барањата за ангажман на дополнителен персонал и ресурси за обезбедување и заштита на Трамп
Комитетот за домашна безбедност и владини работи на американскиот Сенат утврди дека неприфатливи пропусти од страна на Тајната служба на САД (USSS) довеле да се случи обидот за атентат врз Доналд Трамп пред една година за време на претседателската кампања, пренесуваат светски агенции.

За потсетување, лани на 13 јули, за време на предизборен митинг во градот Батлер во американската сојузна држава Пенсилванија, во Трамп како кандидат за претседател на земјата, пукаше вооружен маж, а куршум зафати дел од десното уво на сега актуелниот претседател на САД.
Во инцидентот едно лице присутно на митингот беше убиено, а други две беа сериозно повредени.
Напаѓачот, кој беше застрелан од агентите на Тајната служба кратко по нападот, беше идентификуван како Томас Метју Крукс.
Како што пренесува новинската агенција ДПА, во извештајот на комитетот на Сенатот објавен вчера, се наведува дека вознемирувачки комуникациски пропусти и небрежност довеле до трагедија што можела да се спречи.
Комитетот во извештајот наведува и низа други, како што се вели, неприфатливи пропусти од страна на американската Тајна служба, меѓу кои и одбивање на барањата за ангажман на дополнителен персонал и ресурси за обезбедување и заштита на Трамп.
„Она што се случи во Батлер, Пенсилванија, не беше само трагедија, тоа беше скандал“,
заклучил претседателот на комитетот, Ренд Пол, републикански сенатор од државата Кентаки.
Пол, исто така, го осуди недостатокот на дисциплински мерки по обидот за атентат.
„Ова е неприфатливо. Ова не беше само пропуст во проценката. Тоа беше целосен распад на безбедноста на секое ниво, поттикнат од бирократска рамнодушност, недостаток на јасни протоколи и шокантно одбивање да се одговори на директни закани“,
додаде тој.
Инаку, по обидот за атентат врз тогашниот републикански кандидат, а сега актуелен претседател на САД, Доналд Трамп, тогашната директорка на американската Тајна служба, Кимберли Читл, си поднесе оставка од функцијата по острите критики за работата на нејзината агенција.