Резолуцијата, со која ќе се ограничеше можноста на претсеателот да извршува нови напади без одобрение од Конгресот, ја предложи демократскиот сенатор Тим Кејн. „Против“ неговата иницијатива се изјаснија 53 сенатори, а 47 беа „за“

Сенатот не ја изгласа Резолуцијата за ограничување на воените овластувања на американскиот претседател Доналд Трамп во конфликтот со Иран.
Резолуцијата, со која ќе се ограничеше можноста на претсеателот да извршува нови напади без одобрение од Конгресот, ја предложи демократскиот сенатор Тим Кејн. „Против“ неговата иницијатива се изјаснија 53 сенатори, а 47 беа „за“.
Демократскиот сенатор Џон Фетерман од Пенсилванија се спротивстави на мерката, додека републиканскиот сенатор Ранд Пол од Кентаки гласаше за неа.
„Дали стоите зад американскиот народ кој е исцрпен од вечните војни на Блискиот Исток или стоите зад Доналд Трамп и Пит Хегсет додека нè туркаат со главата напред во уште една војна?“,
рече лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, пред да гласа за мерката.
Демократите тврдат дека Трамп го тргнал Конгресот настрана и ги менувал причините со кои ја оправдувал војната. Повеќето републиканци ја блокираа резолуцијата, но некои рекоа дека би можеле да го променат мислењето ако војната се прошири во наредните недели.
Иако претседателот има широки овластувања да започне воена акција без формално објавување на војна, Конгресот мора да биде известен во рок од 48 часа од почетокот на непријателствата.
Државниот секретар Марко Рубио тврдеше дека администрацијата на Трамп го исполнила тој услов.
Тој вели дека конгресните лидери биле известени пред да започнат првичните напади, а Трамп го информирал Конгресот во писмо во понеделник, дури и кога тврдел дека тоа не е потребно.
Трамп претходно нареди воени операции без одобрение од Конгресот, како што се нападите на САД врз иранските нуклеарни постројки минатата година и заробувањето на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, во јануари.
„За почеток, ниедна претседателска администрација никогаш не го прифатила Законот за воени овластувања како уставен – ниту републиканските претседатели, ниту демократските претседатели“,
рече Рубио.
Конгресот ја усвои Резолуцијата за воени овластувања во 1973 година за да ја ограничи можноста на тогашниот претседател Ричард Никсон да води војна во Виетнам.
Таа бара пратениците да бидат известени од претседателот во рок од 48 часа од воената акција, а Конгресот да донесе Овластување за употреба на воена сила (AUMF) во рок од 60 дена од почетокот на непријателствата.
САД и Израел почнаа да го напаѓаат Иран во саботата. Исламската република одговори со напади врз Израел и сојузничките држави на САД во Заливот.
