Претседателот на САД Доналд Трамп го преживеа клучното гласање во Сенатот на САД во рамките на судењето за негово отповикување.
Тој е ослободен и по двете обвиненија покренати против него, едното за злоупотреба на претседателската власт, а другото за попречување на работата на Конгресот.
За првата точка 52 сенатори гласаа дека „не е виновен“, додека 48 гласаа „виновен“, за втората соодносот беше 53:37.
За смената од функцијата беше потребно двотретинско мнозинство гласови во Сенатот. Ваквиот исход од гласањето беше очекуван со оглед на тоа што републиканците, од чии редови е Трамп, имаат мнозинство во Сенатот со 53 мандати, демократите се малцинство со 45, a двајца сенатори се независни.
Со денешното гласање, Трамп практично ќе успее да го заврши четиригодишниот мандат кој го започна во јануари 2017 година. Тој најави дека ќе се кандидира и за втор мандат на изборите кои треба да се одржат кон крајот на годинава.
Трамп е третиот претседател во историјата на САД кому му се судело во Сенатот, по Ендру Џонсон и Бил Клинтон. И Џонсон и Клинтон, исто така, го „преживеаја“ судењето.
Републиканец првпат гласаше дека републикански кандидат е „виновен“
Денешното гласање во Сенатот, како што јавува телевизијата „Си-Ен-Би-Си“, е историско затоа што првпат еден сенатор гласаше против претседател кој доаѓа од истата партијата.
Станува збор за републиканскиот сенатор Мит Ромни, кој уште пред гласањето најави дека ќе гласа за разрешување на Трамп.
Ромни е сенатор од Јута, а во 2012 година беше и претседателски кандидат на Републиканската партија.
Тој изјави дека обвинувањата против Трамп имаат тежина, и дека било неправилно што Сенатот не дозволи сведочење на сведоци, па затоа ќе гласа за разрешување.
„Галуп“: Рекордна популарност на Трамп од 49 отсто
Во пресрет на гласањето, организацијата која се занимава со истражување на јавното мислење „Галуп“, објави дека поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп достигнала рекордни 49 проценти, најмногу откако тој ја презеде функцијата во 2017 година.
Од друга страна, анкетата покажала дека околу 50 проценти од регистрираните гласачи не ги одобруваат постапките на Трамп, а само еден процент немаат мислење.
Претседателот на САД, според истражувањето, ужива поддршка од 94 проценти од републиканците и 42 проценти од гласачите кои се опишуваат како независни.
Меѓу демократите, пак, политиките на Трамп ги одобруваат само седум проценти од гласачите.