Власта и институциите да покажат одговорност и посветеност во поддршката на медиумските права и слободи, во насока на креирање поволен амбиент за медиумите во кој што тие ќе дејствуваат без какви било ограничувања и препреки, апелира Советот за етика во медиумите по повод Светскиот ден на слобода на медиумите. Од СЕММ предупредуваат дека секој обид изолирано да се интервенира во медиумските политики и реформи, спротивно на заложбите на професионалната медиумска заедница, ќе се разбере како обид за контрола и влијание и наметнување рестриктивни услови за работа на медиумите, бидејќи најголемиот ризик за демократијата произлегува токму од медиумите што биле и остануваат под контрола на политичките центри на моќ.
„Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности“
се наведува во соопштението од СЕММ.
Пандемијата уште еднаш ги потврди предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите, посочуваат од СЕММ.
„Квалитетниото и инклузивно новинарство е единствениот начин за премостување на поделбите и промовирање демократски вредности и професионални новинарски стандарди. Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување“
додаваат од СЕММ.
Од организацијата потсетуваат дека статистиката на СЕММ објавена во февруари, покажала дека речиси 40 проценти од пријавените случаи во изминатата година се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, а 67% од вкупниот број на жалби, станува збор за неточни и непроверени информаци, додека во речиси 20% не се прави разлика меѓу фактите и мислењата, вестите и коментарот.