Објавувањето број на новозаразени со ковид-19 од страна на медиумите не треба да биде трка на ексклузивитет, станува збор за здравјето и животот на граѓаните, реагираат од Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) на тенденцијата на медиуми изминатите денови да шпекулираат со бројките.
„Потсетуваме на првиот член од Кодексот на новинарите што наложува информациите да бидат точни и проверени. Со оглед на тоа што се работи за исклучително чувствителни вести, поврзани со здравјето и со животот на граѓаните, одговорноста во информирањето би требало да биде максимална, а пристапот професионален и ослободен од сензационализам или битка за ексклузивитет“,
велат од СЕММ.
Оттаму истовремено апелираат и до надлежните институции да престанат со неофицијалните брифинзи бидејќи апсолутно никако не помагаат во креирањето здрав и одговорен јавен дискурс.
„Ситуацијата во којашто се наоѓаме бара сериозен однос кон процесот на информирање на населението од страна на сите актери задолжени за комуникација, без импровизации и без шпекулации, а со консултација и цитирање на строго официјални извори во однос на бројката на заразени и починати. СЕММ ја повикува јавноста, колегите и претставниците на граѓанскиот сектор и на институциите, да реагираат со поднесување на жалба до нашата Канцеларија секогаш кога ќе наидат на новинарски производ што сметаат дека е надвор од професионалните стандарди“,
пишува во соопштението од Советот.
