Оттаму изразија благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, кој го повика Судскиот совет да го испита работењето на тетовскиот судија Елведин Ферати што досуди две години затвор за обвинетиот Менсур Пајазити за смртта на 22-годишната девојка
Семејството за загинатата Теодора Ристовска очекува и се надева дека Судскиот совет адекватно ќе постапи во врска со, како што велат, скандалозната и срамна одлука на тетовскиот судија Елведин Ферати кој во понеделникот го осуди обвинетиот Менсур Пајазити на две години затвор за сообраќајката пред речиси три години во која смртно ја прегази 22-годишната Теодора од Тетово.

Ова, меѓу другото, стои во отвореното писмо напишано од членовите на семејството на загинатата Теодора.
„Имаме сомнеж како семејство дека зад оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. И натаму силно ќе се бориме за правда за Теодора. Исто така, јавно сакаме да прашаме зошто иницијативи како ‘Кој е следен’ немаат покажано никаков интерес за нашиот случај, а наводно се борат против трулиот и корумпиран систем. Ги немаше ниту на последното рочиште кога се изрече скандалозната одлука од само две години затвор за убиецот на Теодора. Сметаме дека е доста од лажни иницијативи со скриени агенди каде жртвите се само средство за постигнување на туѓи цели“,
се наведува во отвореното писмо.
Семејството на Теодора изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, кој го повика Судскиот совет да го испита работењето на тетовскиот судија што на обвинетиот му досуди две години затвор за смртта на Теодора.