Епидемиолозите имале тешкотија да стапат во контакт со семејството на починатиот скопјанец, за кој посмртно беше добиен позитивен резултат на ковид-19.
Како што кажа на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, епидемиолозите се соочувале со сериозни проблеми на терен, особено во делот на прибирање податоци.
„Многу тешко се пристапи до семејството, како за организација на чинот на погребот, откако се доби резултат на починатиот дека е позитивен на ковид-19, па сѐ до давањето на контактите на тие луѓе кои биле присутни на самиот чин на погребот“,
рече Филипче.
Во текот на вчерашниот ден епидемиолози од Институтот за јавно здравје направиле епидемиолошки анкети со семејството на 53-годишниот скопјанец кој починал завчера. А епидемиолошки анкети се направени и со вработените во приватната болница, по што ќе се знае дали некој ќе биде ставен во изолација.
Тој завчера бил однесен во една приватна болница во Скопје без знаци на живот, а посмртно му бил утврден ковид-19. Телото на починатиот било подигнато од семејството и погребано според сите верски и народни обичаи, без да се почитуваат протоколите за ковид-19.