Педесет и седумгодишен маж завчера брутално ја претепал сопругата во нивниот дом во Велес, а Основното јавно обвинителство најави дека ќе спроведе истражна постапка против него за кривично дело убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид).
„Осомничениот се обидел да ја лиши од живот својата сопруга при вршење семејно насилство, така што ѝ пришол и со кабел започнал да ја удира по телото. Од ударите оштетената паднала на подот. Осомничениот не ѝ дозволувал да стане, туку ѝ се заканувал дека ќе ја однесе во гробот на мајка ѝ, ќе ѝ ја затвори устата така што ќе ѝ ја наполни со крпа и дека ќе ѝ го скрши черепот“,
се наведува во соопштението на ОЈО Велес.
Тој продолжил да ја удира со кабелот по целото тело и престанал дури откако во куќата дошла нивната ќерка. Од ударите што ѝ ги нанел осомничениот, оштетената добила повеќе повреди по целото тело и скршеница на раката.
До судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес, јавниот обвинител достави предлог за определување на мерката притвор за осомничениот.
За настанот денеска информираат и од СВР Велес. Според полициските записници, настанот се случил на 4 ноември околу 22:45. Како што појаснува портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски, лицето било приведено во полициската станица, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
