Околу 80 жители на германското село Гадхајм од денеска ја имаат горчливата чест – да живеат во центарот на Европската унија (ЕУ). Ова доаѓа откако синоќа на полноќ Велика Британија излезе од ЕУ, па географскиот центар на Унијата се помести. Станува збор за село во Општината Вајтсхохеим, во сојузната покраина Баварија.

Новата реалност тие ја очекуваат неколку месеци, па на местото каде се наоѓа центарот поставиле и црвено-бел метален столб, во чија близина има и јарболи на кои се веат знамињата на ЕУ, Германија и на Вајтсхохеим.
„Од една страна, се разбира дека сум горд и среќен што стануваме нов географски центар на Европа. Од друга страна, се разбира дека тоа е и тажна прилика затоа што доаѓа со напуштањето на Велика Британија“,
изјавил Јирген Гете, градоначалник на Општината Вајтсхохеим.
Честа селото Гадхајм да биде центар на ЕУ произлегува од пресметките на Националниот географски институт на Франција кој ги утврдил координатите. Така, сега центарот е со координати 95 степени, 54 минути, 7 секунди источна должина (95° 54 ’07 “Е) и 49 степени, 50 минути, 35 секунди северна ширина (49° 50 ’35” Н).
Градоначалникот првично мислел дека станува збор за шега, но потоа се уверил во тоа. Пресметките на францускиот институт првпат ги слушнал на локална радио станица неколку месеци по референдумот за Брегзит во 2016 година.
Жителите на селото, пак, одбројувајќи ги деновите до Брегзит, се шегувале дека имаат доволно место да ги сместат бројните меѓународни инвестициски банки кои сакаат да го напуштат Лондон и да се преселат во новото средиште на ЕУ. Во своите пародични изјави за медиумите, тие ја повикувале и Шкотска да не размислува за нов референдум за независност од Обединетото Кралство, бидејќи ако тоа се случи и Шкотска одлучи да се приклучи на Унија, тие ќе ја изгубат честа да бидат во центарот на ЕУ.
До вчера центарот на ЕУ се наоѓаше во Вестергранд, уште една општина во Баварија. Растојанието помеѓу новиот и стариот центар е 56 километри.
Случајност: На првиот ден по Брегзит доцнат возовите од Лондон кон ЕУ

Интересна случајност која им „падна во очи“ на медиумите денеска – првиот ден по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, е доцнењето на возовите.
Така, денеска доцнел возот на релација Лондон – Париз, кој поминува низ тунелот под Ламанш.
Како што пренесуваат странските агенции, возот не доцел поради Брегзит, туку поради интервенција за отстранување дефект.
На веб-страницата на „Евростар“ пишуваше дека оваа сабота утринските возови кои сообраќаат под Ламанш ќе доцнат повеќе од два часа. Компанијата соопшти дека причината за доцнењето на возовите се „продолжени инженерски работи во Евротунелот и дефекти во приодите на тунелот“, притоа најавувајќи брза нормализација на сообраќајот.
Во нормални околности супер брзите возови од Лондон до Париз патуваат за околу 150 минути.
Денеска доцнеле и возовите на релација Лондон – Брисел.
Што е исто, а што различно за Велика Британија?

Велика Британија ја напушти Европската унија 47 години откако стана членка и 1.317 денови по референдумот. Знамињата на оваа земја повеќе ги нема на европските институции.
Веднаш по напуштањето на ЕУ, Велика Британија од денеска влезе во 11-месечен преоден рок, за време на кој ќе продолжи да ги почитува правилата на ЕУ и да уплаќа пари на ЕУ.
Повеќето работи ќе останат исти, но ќе има некои промени.
Седумдесет и три европратеници автоматски ги загубија своите места во Европскиот парламент, бидејќи Велика Британија ги напушти и сите европски институции и агенции. Сепак, за време на транзицискиот период, Европскиот суд на правдата ќе продолжи да има последен збор за правните спорови.
Отсега британскиот премиер ќе треба да биде посебно поканет доколку сака да им се придружи на другите лидери на самитите на ЕУ.
Британските министри, исто така, веќе нема да присуствуваат на редовните состаноци на ЕУ.
Велика Британија од денеска може да започне дискусии со земји ширум светот за да постави нови правила за купување и продажба на стоки и услуги.
Британските пасоши ќе се издаваат со променета боја, повторно, по повеќе од 30 години – ќе бидат сини со елементи од златна боја, какви што се користени за првпат во 1921 година. Сепак, постојните пасоши (темно-црвена боја) ќе бидат валидни.
Од денеска, на пример, Европската унија може да биде и прибежиште на криминалците од Британија – веќе не важат правилата за екстрадиција, а Германија потврди дека нема да испорача никого.