Жителите на планинското село Герман во Ранковце четврти ден се без пристап до општината поради обилните врнежи до снег.
Снежната покривка која изнесува околу седумдесет сантиметри ја расчистуваат надлежните од Јавното претпријатие „Македонија пат“, од каде информираат дека во текот на вчерашниот ден расчистено е до село П’клиште, а од утрово специјално возило е повторно на терен.
Жителите информираа дека имаат потреба од набавка на лекови и намирници, а од „Македонија пат“ кажаа дека се очекува патот денеска конечно да биде пробиен.
„Станува збор за специфична конфигурација на теренот, деновиве интензивно, и по десетина часа се работеше активно за расчистување на овој регионален пат, но соспите што ги навева силниот ветер наместа надминуваат и метар и половина, така што нашите вработени прават натчовечки напори за пробивање на патот и очекуваме, ако времето ни биде наклонето, патот да се расчисти. Години наназад наидуваме на ист проблем и свесни сме дека не можеме ништо против природата, така што, правиме се што е во наша моќ и работиме согласно состојбата на теренот“,
информираат од ЈП Македонија пат.
Поради ваквата состојба, петнаесетина деца кои учат во основно училиште „Христијан Тодоровски – Карпош”, следат онлајн настава.
„Во согласност со временските услови се прилагодивме и наставниот процес изминатите три дена за петнаесетте ученици од селото Герман се одвива онлајн. Тие се активно вклучени во наставата, со доделување наставни содржини, а дополнително, ќе се координираме и физички да се одржат часовите“, изјави директорката на училиштето Христина Младеновска.