Потписи? Не се вистинити. Тоа е голема лага. Ова е коментарот на претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села откако актуелниот претседател на партијата, Арбен Таравари објави дека собира потписи за АА на претстојните парламентарни избори да оди со опозициските партии на Албанците

Откако претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Тараври објави дека собира потписи за партијата на избори да оди со опозициските партии на Албанците, претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на партијата, Зијадин Села изјави дека со собирањето потписи Таравари уште еднаш го крши статутот на партијата. Села вели дека Таравари нема право да собира потписи и дека таквиот чин е злоупотреба на позицијата што ја има.
„Потписи? Не се вистинити. Тоа е голема лага. Само да се вметне несигурност и недоверба меѓу луѓе кои делат ист идеал и кои затоа се групирани во оваа политичка партија. Алијанса на Албанците не е партија на потписи. Статутот на партијата вели дека може да се собираат потписи за да се свика Централно претседателство. Ама за тоа нема потреба, бидејќи јас сум тука и молам цели два месеца да дојдеме до правиот пат кој треба да донесе до свикување Централно претседателство“,
рече Села.
Во објавата на Фејсбук, Таравари напиша дека неговата иницијатива за на изборите да се оди со опозициските партии на Албанците добива подршка од мнозинството членови на Централното собрание.
„По објавувањето на вчерашната изјава на претседателот на Алијансата за Албанците, д-р Арбен Таравари, доброволно се собрани 80 потписи на пратеници од вкупно 133 во Собранието, додека процесот на собирање потписи продолжува. Мнозинството во Собранието на Алијансата за Албанците очигледно е за безбедна промена. Претседателот Таравари повикува на мудрост, разумност и единство за конечно ДУИ да биде испратена во опозицијата. Промената доаѓа!“
стои во објавата.
Зијадин Села денеска на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово објави дека свикува седница на Централното претседателство на партијата за в сабота, на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Арбен Таравари. Рече дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова со вчерашната објава на Фејсбук во која побара поддршка за АА да оди на избори заедно со опозициските партии на Албанците.
Села рече дека ставот за самостоен настап на изборите е поддржан од 99 отсто од членовите на Централното собрание на партијата.
„Затоа контрабанда на ставот на Алијанса за Албанците преку статуси на Фејсбук ние не можеме да дозволиме. Ја свикувам седницата на Централното собрание за во сабота на која ќе се одлучи за одговорност на претседателот на партијата како највисок орган кој решава помеѓу два конкреси“
рече Села.
Инаку, поделбата во Алијанса за Албанците започна вчера кога Фејсбук стана арената во која првенците на Алијанса за Албанците ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.
Прв почна актуелниот претседател на Алијанса, Арбен Таравари, кој напиша дека бара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците. На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој напиша оти партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша дека тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Во фејсбук-преписката се вклучи актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, кој е од редовите на АА, и очекувано застана на страната на Таравари споделувајќи ја неговата објава. Меџити не напиша дополнителен коментар.