Централното собрание треба да одлучи како партијата ќе настапи на претстојните парламентарни и претседателски избори
Села рече дека покана за присуство на Централното собрание е пратена до Таравари, исто како и до секој член на ова тело
Зијадин Села, претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, пристигна еден час подоцна од закажаниот термин за почетокот на состанокот на ова партиско тело во хотелот „Буши“ во Старата скопска чаршија во придружба на повеќе негови поддржувачи.
Во изјава за медиумите пред почетокот на Централното собрание на АА рече дека внатре се членовите на собранието, односно органот каде што се носат конечни одлуки и оти така очекува да биде и денеска.
„Работиме на тоа што подразбира Централно собрание на партијата и тоа што подразбира одговорност на секој член на Централното собрание, да одлучува за партијата и за одлуките кои треба да се донесат во партијата. Ова е органот каде се носат конечни одлуки и тоа се очекува и денеска“,
рече Села.
Очекува дека има ќе има мнозинство, потенцира, и дека секој преку глас ќе го каже својот став.
„Најверојатно ќе имаме мнозинство, внатре се членовите на централното Собрание. Секој сам ќе се изјасни преку глас“,
рече Села.
На прашањето дали според статутот на партијата, Централното собрание може да го разреши Таравари од претседателската функција на партијата, Села рече дека тоа е можно, но дека конечна одлука носи Конгресот на партијата.
„Ако зборуваме за Статутот, највисокиот орган е Централното собрание. И да, според статутот има такво право. За да донесе одлука за разрешување и доверба на претседателот. Но за такво нешто конечно одлучува Конгресот“,
изјави Села.
Села рече дека покана за присуство на Централното собрание е пратена до Таравари, исто како и за секој член на ова тело.
На прашањето дали меѓу присутните делегати се и поддржувачите на Таравари, тој одговори дека не знае кој сè е присутен на Собранието.
„Сега влегувам, не знам кој сè има внатре“,
одговори Села.
Централното собрание треба да одлучи како ќе настапи партијата на претстојните парламентарни и претседателски избори.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, пред два дена одржа состанок во Куманово со членови на Централното собрание на кој и официјално беше одлучен заеднички изборен настап на Алијанса со опозициските партии на Албанците.
Тој тогаш најави дека нема да присуствува на Централното собрание свикано од Села.
Поделбата во Алијанса за Албанците започна минатиот викенд кога Фејсбук стана арената во која првенците на Алијанса за Албанците ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.
Прв почна актуелниот претседател на Алијанса, Арбен Таравари, кој напиша дека бара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците.
На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој напиша оти партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша оти тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Доцна синоќа беа разрешени министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, по предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, откако тие застанаа во поддршка на Таравари.