Партијата сега ќе прави темелни анализи за да види која е причината за лошиот резултат на изборите за Советот на Општина Тетово. На вчерашните избори Алијанса не освои ниту еден советнички мандат
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, си поднесе оставка по вчерашниот неуспех на изборите за членови на Советот на Општина Тетово.
Села вели дека резултатите не биле очекувани и поради тоа е подготвен да преземе одговорност.
„Од овој момент, преземам одговорност и давам неотповиклива оставка од претседател на партијата. Во периодот што следува највисокиот орган на партијата меѓу два конгреса – Централното собрание, треба да заседава и да одлучи во врска со тоа кој ќе биде вршител на должност претседател на партијата“,
рече Села, заблагодарувајќи им се на сите поддржувачи на Алијанса за Албанците.
Прашан кој би требало да ја води партијата, Села рече дека не е демократски тој да кажува кој да биде следниот претседател на Алијанса за Албанците.
„Тоа е право на членството на Алијанса за Албанците и тоа е право на Централното собрание да избере вршител на должност, а не е мое право“,
рече Села.
Појасни дека повеќе нема да се кандидира за претседател на АА, бидејќи, како што рече, според статутот на партијата има право само два пати да го направи тоа.
Партијата сега ќе прави темелни анализи за да види која е причината за лошиот резултат на изборите за Советот на Општина Тетово. На вчерашните избори АА не освои ниту еден советнички мандат.