Наспроти Алијансата, која вчера му даде поддршка на лидерот на Беса, пред неговото директно соочување со Теута Арифи од ДУИ во вториот круг, од Алтернатива соопштија дека Централното претседателство донело заклучок партијата „да остане конзистентна во претставување на опозицискиот глас“
Алтернатива на Африм Гаши нема да повикува за поддршка на некој од двајцата кандидати за градоначалници во општините во кои оваа партија, заедно со колаициските партнери од Алијанса, не настапува во вториот круг.
Наспроти Алијансата за Албанците, која вчера му даде поддршка на лидерот на Беса, Билал Касами, пред неговото директно соочување со Теута Арифи од ДУИ, за градоначалничкото место во Тетово, од Алтернатива соопштија денеска дека, на седница на Централното претседателство, е донесен заклучок партијата „да остане конзистентна во претставување на опозицискиот глас“.
Од Алтернатива соопштуваат дена, на синоќешниот состанок на Централното претседателство, меѓу другото, се разговарало за вториот изборен круг. Притоа, како што се наведува, Алтернатива уште еднаш ја изрази својата потполна поддршка за кандидатите на коалицијата Алтернатива – Алијанса за Албанците во Струга, Дебар, Гостивар, Врапчиште, Боговиње, Теарце и Чаир и упати повик за мобилизација на сите енергии и сили за донесување на очекуваните промени и во овие општини.
„Освен ова, на состанокот на Централното претседателство се дискутираше и за односот кон вториот круг во општините во кои коалицијата ААА-АА нема свои кандидати. Имајќи предвид дека тие се кандидати на партиите од власта, додека Алтернатива е опозициска партија, Централното претседателство одлучи Алтернатива да остане конзистентна во претставување на опозицискиот глас, па затоа нема да упати повик за подржување на некој одреден кандидат во тие општини. Повикот на Алтернатива е секој гласач да одлучи по своја совест и во согласност со своите локални интереси за кандидатот кој ќе го гласа, додека гласачот на Алтернатива секогаш ги има предвид и програмските определби на партијата“,
соопштија од партијата.
Алтернатива, како релативно нова партија, произлезе од Беса, по „разделбата“ на Африм Гаши со Билал Касами, чија партија, пак, сега е дел од владејачката коалиција на централно ниво. Алтернатива, пак, пред минатогодишните парламентарни избори влезе во колаиција со опозициската Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Беса вчера повика за поддршка на кандидатите на Алијанса за Албанците и побара и оваа партија реципрочно да возврати односно да им даде поддршка на кандидатите од Беса кои влегоа во вториот круг. Оваа одлука, како што рече генералниот секретар на партијата Аријанит Хоџа, следува откако ДУИ договори соработка со ДПА на Мендух Тачи за вториот круг.
Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијансата и кандидат во вториот круг за Гостивар (наспроти Невзат Бејта од ДУИ ) брзо одговори со возвратна поддршка за кандидатите на Беса во Тетово и во Желино. Таравари, исто така, посочи дека „Беса ќе има вистинско одвојување од злото, само доколку ДУИ биде отстранета од власт и ако создадеме ново парламентарно мнозинство“.