Од Алијанса за Албанците велат дека во Договорот за коалицирање има критериуми и временски рокови на коалицијата – до следните парламентарни избори, кои партијата на Гаши, како што велат три пати ги прекршува со средбите за влез во Владата
Алијанса за Албанците бара од Алтернатива да ги разјасни своите позиции во однос на меѓусебниот потпишан договор за коалиција во кој, како што велат од партијата на Села има критериуми и временски рокови на коалицијата, кои партијата на Гаши, како што велат три пати ги прекршува.
„Политичката автономија на секој субјект е прифатен факт од Алијансата за Албанците, како што и договорите потпишани меѓу субјектите, без разлика дали се политички, подразбираат откажување од дел од нејзината автономија. Договорот потпишан за коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата, јасно ги дефинира критериумите и временските рокови на оваа коалиција, односно во членот 6 од овој договор стои дека: ‘Странките се договорија оваа соработка да важи до следните парламентарни избори’. Следствено, Алтернатива треба да ги разјасни своите позиции во однос на овој договор, кој го прекршуваа најмалку три пати по ред, со јавна средба со премиерот во оставка, Зоран Заев, за да разговара за можноста за влез во Владата“,
велат од Алијанса во соопштението објавено вечерва.
Од Алијанса за Албанците бараат одговор од Алтернатива дали овој Договор е се уште валиден.
„Нашиот досегашен молк никако не е слабост, туку сериозност кон потписот што го ставивме во договорот и политичкиот морал што сакаме да и го пренесеме на јавноста, дека на крајот дадениот збор докажан со потпис, за нас представува вредност. Чекањето се однесува на можноста што сакаме да ја дадеме да размислувате за политичките чекори што се преземени од вас. Минимумот на коректност што го очекуваме од вас е да одговорите дали е валиден или не договорот потпишан меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата? Ако не, тогаш не ни останува ништо друго освен да ви посакаме успех во вашиот пат, кој за нас е погрешен и во целосна спротивност со вољата што го изразија граѓаните кои гласаа за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернативите“,
се вели во соопштението.
Од Алијанса уште велат дека изразуваме жалење за, како што вели, разочарувањето што го предизвикавте кај опозициските гласачи кои не поддржаа против оваа власт.
„На истите ние им остануваме верни во нашето понатамошно политичко патување, држејќи ги вратите отворени за сите оние кои за кои е свет дадениот збор пред граѓаните. Ја информираме јавноста дека Алијансата за Албанците во иднина добро ќе размисли со кого ќе потпише коалициски договор“,
велат од Алијанса.
Соопштението од Алијанса за Албанците следува откако Гаши по денешната средба со премиерот Зоран Заев изјави дека има напредок и дека сега следуваат консултации во партиите, а од Владата соопштија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка Влада која ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без заддршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на Република Северна Македонија.