Зијадин Села од Алијанса за Албанците укажа дека Законот за прекршоци не предвидува пораките кои „Безбеден град“ ги испраќа до граѓаните за сторен прекршок да се двојазични, со што, како што рече, се прекршува Законот за употреба на јазиците. Во оваа смисла забележа дека е несериозно казните да пристигнуваат преку порака, бидејќи не постои законска обврска граѓаните да има мобилен телефон или електронска пошта
Зијадин Села од Алијанса за Албанците денеска до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за прекршоци, чие усвојување беше неопходно за функционирање на системот „Безбеден град“. Според Села, Законот кој директно влијае и ги засега сите граѓани требало да биде предложен од Владата и да биде предмет на широка јавна расправа наместо да биде предложен од пратеници и да се носи по скратена постапка.

„Со овој закон се удира врз целото население, врз сите граѓани и никако не е дозволено да помине по брза постапка. Прашањето што може да се постави е зошто за проектот кој веќе со месеци се промовира од страна на Владата, иницијативата се прави од пратеници во Собранието. Еве едно јавно прашање – што сака да скрие Владата? Зошто самите не излегоа со оваа иницијатива“,
изјави Села за новинарите.
На прашањето зошто амандмански не реагирале пред гласањето во Собранието во петокот, Села повтори дека ваков закон не требало да се носи по брза постапка, бидејќи тоа оневозможило детално разгледување на законот.
Укажа дека Законот не предвидува пораките кои „Безбеден град“ ги испраќа до граѓаните за сторен прекршок да се двојазични, односно се испраќаат само на македонски јазик. Со тоа, како што рече, се прекршува Законот за употреба на јазиците. Во оваа смисла Села забележа дека е несериозно казните да пристигнуваат преку порака бидејќи не постои законска обврска граѓаните да имаат мобилен телефон или електронска пошта.
„Јас имам право да не носам телефон со мене, имам право да немам мејл-адреса. А законска должност ни е да имаме адреса, каде што живееме. Ако веќе може да се предвиди такво законско решение, во тој случај ние треба да се пријавиме во полиција секогаш кога ќе менуваме број и секогаш кога ќе менуваме мејл-адреса“,
рече Села, додавајќи дека се отвораат многу прашања кои треба да бидат предмет на јавна расправа.
Дополнителна забелешка на Села во врска со законското решение е дека системот „Безбеден град“ се имплементира само во три градови, додека останатиот дел од територијата не е покриен со камери.
