Според најавите на скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во следниот период ќе се дефинираат локациите во општините кои ќе бидат ставени во функција на гробишта за домашните миленици, а локалните самоуправи ќе ја поддржат нивната реализација
Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС дадоа поддршка за изградба на гробишта за домашни миленици во општините. Согласноста била дадена на состаноците што директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, оваа недела ги остварил со министерот Златко Перински и со градоначалникот и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

„Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата по смртта, труповите на милениците да се фрлаат заедно со комуналниот отпад, или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија“,
порача министерот за локална самоуправа Златко Перински на средбата со директорот на АХВ.
Според најавите на скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во следниот период ќе се дефинираат локациите во општините кои ќе бидат ставени во функција на гробишта за домашните миленици, а локалните самоуправи ќе ја поддржат нивната реализација.
На средбите со директорот на АХВ станало збор и за решавањето на проблемот со бездомните кучиња. Во оваа смисла градоначалникот на Скопје изразил подготвеност за поддршка и помош на Агенцијата за храна и ветеринарство преку вклучување на општинските инспектори и општинските комунални редари.
Во насока на намалување на популацијата на бездомни животни, пак, било споменато воспоставување на систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа. Првиот човек на АХВ најави дека Агенцијата, согласно своите овластувања, ќе им излезе во пресрет на локалните самоуправи и ќе им помогне во однос на решавање на техничките прашања при воспоставувањето на системот за контрола на популацијата бездомни кучиња.
