За оваа намена од државниот буџет се издвоени 850 милиони денари, со што ќе бидат опфатени 55 илјади студенти
Секој студент до 29 години запишан во учебната 2025/26 година ќе добие по 15 300 денари или 250 евра за набавка на електронски уред или лаптоп, таблет или персонален компјутер.

Оваа мерка преточена во Закон за издавање вредносни ваучери денеска е изгласана од пратениците со 84 гласа „за“.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, од собраниската говорница рече дека е горд на тоа што младите се во фокусот на оваа влада.
„Горд сум што сум овластен предлагач на Законот за вредносни ваучери со што секој секој студент запишан на додипломски студии до 29 години од септември ќе добие вредносен ваучер од 250 евра за да набави електронско помагало во форма на лаптоп, таблет или персонален компјутер“,
рече тој.
Даниела Николова, пратеничка од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), ги поздрави мерките што го унапредуваат студентскиот стадард и додаде дека ќе го поддржат ова законско решение.
Сепак, ја критикуваше власта дека дури по една година се сетила на младите.
„Ова е прва мерка што ја предлага Владата во цела оваа година што се однесува на младите, а велите дека размислувате на нив“,
кажа пратеничката.
Јован Јаулески, пратеник од редовите на владејачката партија, посочи дека за оваа намена од државниот буџет се издвоени 850 милиони денари, со што ќе бидат опфатени 55 илјади студенти.
Според него, целта на овој закон е дигиталната писменост, еднаков пристап за сите студенти до електронски уред и развивање на технолошката писменост.