Коментирајќи ги внатрешните случувања во СДСМ, односно, како што беше споменато, сериозните кавги меѓу него и поранешните партиски функционери што заговараа дека можеби ќе формираат ново крило, Филипче го повтори ставот дека тоа се луѓе пуштени и платени од власта

Опозицискиот блок треба да се прошири и веќе сме во разговори со огромен број помали партии кои ја напуштија коалицијата по изборите во 2024, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на телевизијата Сител. Како што додаде тој, на сите им станало јасно дека опозицијата мора да се окрупни околу политиката што ја заговара неговата партија, а тоа е проевропскиот пат за државата.
Прашан дали има и луѓе од движењето ЗНАМ, кое произлезе од поранешни членови на СДСМ, што сакаат да се вратат, тој рече дека има се повеќе поединци што имаат такви иницијативи. Според него, членовите на ЗНАМ се разочарани од тоа како власта ја води државата и од тоа како лидерите на движењето се интересирале само за своите коруптивни интереси.
Засега не гледа можност за коалицирање со партии од албанскиот политички блок во земјава, но и не ја отфрла таквата опција.
„Секој што е за европска Македонија, исчистена од корупција, е добредојден. Нашиот фронт се повеќе ќе се проширува. Внатре во албанскиот блок гледаме сега многу проблеми во партиите што се во Владата, ќе видиме како ќе се расчистува тоа“,
рече Филипче во телевизиското гостување.
За Левица, пак, рече дека таа партија треба да се изјасни за што се залага.
„За Европа ли се, со Русија ли соработуваат? Треба да кажат јасно какви им се политиките“,
вели Филипче.
Коментирајќи ги внатрешните случувања во СДСМ, односно, како што беше споменато, сериозните кавги меѓу него и поранешните партиски функционери што заговараа дека можеби ќе формираат ново крило, Филипче го повтори ставот дека тоа се луѓе пуштени и платени од власта.
„Од кој било што излезе изминатиот период, се враќам на луѓето блиски до СДСМ, па ние не слушнавме некоја опозициска реторика, само некакви критики, што нас не тераат да мислиме, бидејќи имаме информации, дека се тоа луѓе платени и пуштени од ВМРО-ДПМНЕ да направат внатрешен раздор. Вратите се отворени за сите што се конструктивни и сакаат да дадат придонес поради тоа што наш противник, ама противник и на државата и на граѓаните е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со ЗНАМ, тоа е вистината“,
рече лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека како лидер е подготвен да дебатира на која било сериозна тема во интерес на државата, граѓаните или партијата, но немал намера да го губи времето со луѓе пуштени од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што вели, партијата има многу работа пред неа во борба со криминалната и антинародната власт. На прашањето дали критичарите ќе бидат исклучени од партијата, пак, одговори дека ќе им ја остави вратата отворена.
„Ако сакаат да се коригираат, ако сакаат да дадат придонес поради тоа што имале и огромен бенефит во минатото од партијата во смисла на општествени функции, вратата е отворена. Ако имаат конструктивни критики што може да делуваат на моделирање на политиките, опозициски такви какви што се, сите се добредојдени“,
додаде тој.
Филипче во интервјуто рече дека затекнал тешка внатрешна состојба во СДСМ, но веќе биле конструирани дел од комисиите, а во мај најави дека партијата ќе одржи програмски конгрес на кој ќе се презентираат политиките што таа е подготвена да ги имплементира во интерес на граѓаните по изборите, кога и да се одржат тие.
„Мислам дека ќе бидат предвремени поради тоа што во оваа тешка финансиска криза Владата нема да може да издржи да ја води државата така како што сака. Сметам дека граѓаните не се наивни и дека нема да може да бидат прелажани по втор пат“,
додаде Филипче.
