Според Маричиќ, австрискиот документ е позитивен притисок кон институциите на ЕУ и кон државите членки за изготвување, како што рече, недвосмислен план за членство на државите од Западен Балкан бидејќи само тоа може да ја врати довербата кај сите граѓани дека станува збор за кредибилен процес
Австрија минатата недела преку нон-пејпер испратен до високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како и до секоја од земјите членки, побара конкретни чекори од Европската Унија за постепена интеграција на Западниот Балкан
Секој документ, од секоја држава членка на Европската Унија (ЕУ), кој дава отворена поддршка за зачленувањето на државите од Западен Балкан во Унијата, е добредојден.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ прашан за коментар во врска со австрискиот нон-пејпер испратен минатата недела до институциите на ЕУ, а во кој се бараат конкретни чекори од Европската Унија за постепена интеграција на земјите од Западниот Балкан.
Според Маричиќ, австрискиот документ е позитивен притисок кон институциите на ЕУ и кон државите членки за изготвување на, како што рече, недвосмислен план за членство на државите од Западен Балкан бидејќи само тоа може да ја врати довербата кај сите граѓани дека станува збор за кредибилен процес.
„Ние силно веруваме дека е кредибилен процес и затоа сметам дека се овие добронамерни и добредојдени документи коишто треба само да го продолжат она што го кажа претседателот Шарл Мишел во Блед за реалната можност за членство во 2030 година. Овие документи ги гледам како поддршка на тој политички став за тоа да стане и да биде преведено и во конкретна политика и да не остане само политички став“,
изјави Маричиќ.
Австрија минатата недела, потсетува МИА, преку нон-пејпер испратен до високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како и до секоја од земјите членки, побара конкретни чекори од Европската Унија за постепена интеграција на Западниот Балкан.
Виена бара од институциите на ЕУ да презентираат јасна агенда за етапна и забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан со конкретни чекори за имплементација до 2024 година и период што следува потоа. Агендата, како што се вели, треба да биде заснована на „фер и ригорозни услови и принципот на поединечни заслуги“.
„Иако ја препознаваме важноста да се разговара за реформите во Унијата и за иднината на ЕУ, сметаме дека тоа не треба да се користи како изговор за одложување на процесот на проширување со нашите партнери од Западен Балкан, со кои преговараме со години и децении“,
се наведува во писмото потпишано од австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг и министерката за ЕУ и уставни прашања Каролине Едштадлер.

Руската воена агресија врз Украина, се вели понатаму во него, го промени политичкиот пејзаж на Европа и направи земјите од Западен Балкан и нивните граѓани уште побрзо да се поврзат со ЕУ. Затоа треба да се создаде „рамноправно поле за игра“ со другите кандидати и аспиранти, кои веќе ги уживаат придобивките од вклученост во зоната на слободна трговија.
Инаку, во идентична насока е и заедничката колумна на словенечката министерка за надворешни и европски прашања Тања Фајон, министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија, Александар Шаленберг, и министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Радман Грлиќ, објавена денеска, а во која тројцата се осврнуваат на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан, досегашните предизвици и идните чекори што на тој пат треба да ги преземат, како државите од регионот така и сама Европска Унија.
Тројцата министри во дел од колумната посочуваат дека преговорите со Албанија и Северна Македонија треба да напредуваат, а за земјава следните чекори зависат од способноста на земјата да ги донесе уставните измени.
„Последниот случај е потсетник дека земјите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан треба да играат одговорна улога и да се воздржат од вметнување билатерални проблеми и спорови, кои не се поврзани со процесот на пристапување“,
велат во заедничката колумна тројцата министри на земјите членки на Унијата.
