Доколку го освои вториот мандат како скопски градоначалник, Шилегов рече дека ќе овозможи и бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и за лицата со попреченост до здравствените институции во градот
Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата, а не само во вторник и петок, вети кандидатот на СДСМ за нов мандат за скопски градоначалник, Петре Шилегов, вечерва на предизборен собир во Карпош. Според него, со тоа ќе се спречи метеж во работните денови во градските автобуси за луѓето кои одат на работа или на училиште.
„Исто така, овозможуваме бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и за лицата со попреченост до здравствените институции во градот. За поголема самостојност и независно функционирање, обезбедуваме ефикасен, безбеден и бесплатен транспорт за нив“,
рече Шилегов и најави бесплатен јавен градски превоз и за лицата со ретки болести.
Претходно, на собир во Ѓорче Петров, тој рече дека неговата противкандидатка Данела Арсовска, во нејзината програма, нуди проекти кои се веќе реализирани.
„Толку многу ги потценуваат граѓаните, што ветуваат се и сешто. Ќе гравела булевар ‘Борис Трајковски’, а тој е направен, ќе градела булевар ‘Словенија’ и тој е направен, ќе градела тунели под ‘Лимак’ и тие се направени“,
нагласи Шилегов во Ѓорче Петров.