Петмина пациенти ќе бидат хоспитализирани во болницата „Ла Паз“ и двајца во болницата „Гатафе“, која е меѓународно признат центар за лекување на изгореници
Две јавни болници во Мадрид, Шпанија ќе примат на лекување седум повредени во пожарот во дискотеката во Кочани, кои се очекува наскоро да пристигнат, објавија денеска шпанските весници „АБЦ Мадрид“ и „20 минути“, повикувајќи се на информации од шпанската влада.

Оваа информација ја потврдија за МИА и од нашето Министерство за здравство.
Според шпанските медиуми, се работи за болниците „Ла Паз“ и „Гетафе“, каде ќе се сместат седумте пациенти повредени од пожарот.
Така, петмина ќе одат во болницата „Ла Паз“ и двајца во болницата „Гатафе“, која е меѓународно признат центар за лекување на изгореници.
Болниците се веќе подготвени да ги прифатат македонските пациенти.
„Информацијата за шпанските медиуми ја потврдиле официјални лица од шпанската влада, посочувајќи дека земјата се става на располагање на погодените од пожарот и на македонските власти кои го активираа механизмот за цивилна заштита на Европската унија. Болниците ‘Ла Паз‘ и ‘Гатафе‘ имаат национално и меѓународно признати установи за грижа на пациенти со изгореници“,
пишуваат шпанските медиуми.

Министерството за здравство попладнево ги објави медицинските центри во странство каде се лекуваат пациенти повредени во пожарот во Кочани.
Досега 101 пациент е испратен на лекување во странство, како Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Грција, Италија, Австрија, Белгија, Литванија,Турција, Шведска, Унгарија и Полска.
Според последните најави во Турција ќе се лекуваат уште три лица, а седум ќе се транспортираат во Шпанија.