Министерот Алиу вели дека овие седум интервенции се потсетник оти за секоја повреда следуваат процес на лекување и трајни последици

За време на новогодишната ноќ седум лица побарале лекарска помош откако се здобиле со повреди и изгореници од употреба на пиротехнички средства. Оваа информација денеска ја споделија министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска.
Директорката рече дека во текот на новогодишната ноќ на Клиниката за пластична хирургија биле примени двајца возрасни пациенти што имале индиректни повреди со кои се здобиле додека земале пиротехнички средства од малолетни деца.
На Клиниката за детска хирургија, додаде Ѓоргиевска-Павловска, биле примени две деца, од кои едното е со посериозни повреди, но се пуштени на домашно лекување.
Министерот за здравство Алиу, пак, посочи дека за време на новогодишната ноќ било интервенирано кај седум лица, од кои двајца се возрасни и пет се деца, поради посериозни повреди на врвовите на прстите.
„Извршена била ампутација на дел од прсти кај некои граѓани, а имало присутни и со рани и изгореници на дланките. Од нив, три деца биле примени во Ургентниот центар, двајца возрасни на Клиниката за пластична хирургија и две деца на Клиниката за детска хирургија. Овие седум интервенции се потсетник дека за секоја повреда следуваат процес на лекување и трајни последици“,
рече Алиу.
Според него, фактот дека меѓу повредените има деца, кај дел од кои била потребна ампутација, доволно зборува за тежината на последиците врз здравјето. Затоа, рече тој, упатувам посебен апел и до родителите да не дозволуваат пиротехника во рацете на нивните деца и празниците да ги завршат со насмевки, а не во хируршки сали.
