Со цел да се утврдат причините за смртта, болницата побарала да се изврши судско-медицинска обдукција. Сепак, семејството на починатото девојче одбило да се спроведе обдукција

Седумгодишно девојче почина во Клиничката болница во Тетово, потврдија денес од здравствената установа. Девојчето од тетовското село Челопек било примено на Одделението за педијатрија во саботата, а починало во неделата и покрај сите напори на медицинскиот тим.
Според соопштението од болницата, пациентката била примена на 20.09.2025 во 20:40 часот со одредени здравствени проблеми. Од болницата додаваат дека веднаш биле преземени сите неопходни мерки и медицински протоколи со цел поставување на точна дијагноза.
„Од моментот на приемот, беа преземени сите потребни медицински мерки соодветни на нејзината здравствена состојба, вклучително и интензивна рехидратација, согласно професионалните и клинички насоки“,
информираат од тетовската Клиничка болница.
За време на третманот, била побарана помош од Одделението за оториноларингологија (ОРЛ) за аспирација на секрети од усната празнина. За жал, за време на интервенцијата, девојчето не покажало знаци на реакција, по што веднаш било префрлено на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега. И покрај максималните напори за реанимација, медицинскиот тим не успеал да ја спаси.
Со цел да се утврдат причините за смртта, болницата побарала да се изврши судско-медицинска обдукција. Сепак, семејството на починатото девојче одбило да се спроведе обдукција.
Од Клиничката болница Тетово изразија длабоко сочувство до семејството и посочија дека се подготвени за целосна соработка со надлежните институции за расветлување на случајот.