Здравствените власти од регионот велат дека голем дел од заразените се членови на семејства или познаници кои патувале со ист автобус или автомобил, без да користат соодветна заштита (маски и држење растојание)
Во последниве денови, во областа на Тревизо, Италија, било утврдено дека група од 72 патници, кои се вратиле од одмор во Македонија, биле позитивни на коронавирусот. Двајца од заболените се хоспитализирани на интензивна нега, и тоа 37-годишна жена и 48-годишен маж.
Здравствените власти од регионот велат дека голем дел од заразените се членови на семејства или познаници кои патувале со ист автобус или автомобил, без да користат соодветна заштита (маски и држење растојание), објави локалниот весник.
По враќањето, многумина покажале типични симптоми на болеста, а тестовите на блиски контакти го потврдиле ширењето на инфекцијата. Во моментов не е соопштено колку од заразените биле вакцинирани.
Италијанските здравствени власти потсетуваат дека за повратниците од Македонија е предвиден 5-дневен карантин и да направат бесплатен тест за ковид-19.
Изминатите денови, МВР често објавуваше во билтените дека лица заминуваат преку граница иако имаат решенија за изолација бидејќи се позитивни на коронавирусот. Беше најавувано дека ќе добијат соодветни пријави.
Досега како најспецифичен беше случајот со младоженци од Тетово кои направиле свадба, иако и тие и целото семејство биле позитивни на брзите ковид-тестови, а потоа заминале и на свадбено патување надвор од земјата.