Во еден од случаите, двајца сопружници од струмичко се задржани во полиција. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување
Седум пријави за семејно насилство стигнале до Министерството за внатрешни работи во текот на изминатото деноноќие. Станува збор за случаи во повеќе градови, велат од МВР и додаваат дека три лица се лишени од слобода. Во еден од случаите, двајца сопружници од струмичко се задржани во полиција.
„Полициски службеници од СВР Струмица лишиле од слобода 34-годишен жител и 29-годишна жителка на селото. Претходно, 29-годишната жена пријавила дека во нивниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг, додека подоцна и сопругот пријавил дека бил нападнат од неговата сопруга. Двете лица се задржани во Полициската станица Струмица, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“,
се наведува во соопштението од МВР.

Во текот на вчерашниот ден до полицијата стигнала и пријава од 25-годишна жителка на Прилеп која рекла дека била физички нападната од нејзината свекрва. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
„Истиот ден, во 17:05 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци лишиле од слобода 41-годишен жител на Кавадарци. По претходна пријава според која на неговата 46-годишна партнерка не и дозволувал да го напушти домот, и се заканувал и ја влечел за раката. Лицето е задржано во полициска станица, за настанот е известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат од МВР.
На 15.03.2026 година во 01:47 часот, во ОВР Кичево било пријавено дека З.Р. од кичевско село физички ја нападнал неговата сопруга. По целосно расветлување и документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, додаваат од МВР.
Останатите три пријави се во главниот град. Едната е од страна на 84-годишна жена која кажала дека во нивниот дом на подрачјето на Бит Пазар, била физички нападната од нејзиниот сопруг М.Б.(87) од Скопје, кој имал здравствени проблеми.
Другите две пријави , како што информира МВР се на територија на Општина Кисела Вода.
„Истиот ден, во 04:00 часот, 52-годишна жена пријавила дека на 14.03.2026 година во дом на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот сопруг В.А.(57) од Скопје. Претходно, на 14.03.2026 година во 12:30 часот, во СВР Скопје 34-годишен маж пријавил дека на 13.03.2026 година, во дом на подрачјето на Кисела Вода каде престојувала неговата партнерка В.А., бил физички нападнат од неа“,
се наведува во билтенот на МВР.
Од МВР за сите овие пријави велат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите.
