Од Обвинителството, одговарајќи на новинарски прашања, велат дека немаат информација дали овие полициски службеници се истите кои вчера ги разреши министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници, информираат од Јавното обвинителство (ЈО). Според дејствијата опишани во наредбата, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.
„Како службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа. Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.03.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди“,
велат од Обвинителството додавајќи дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување на мерка притвор за сите седум лица.
Од Обвинителството, одговарајќи на новинарски прашања, велат дека немаат информација дали овие полициски службеници се истите што вчера ги разреши министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од Обвинителството не одговорија ниту на прашањето во кој временски период осомничените го сториле кривичното дело, односно ги потпишувале тие согласности.
„Со оглед на поврзаноста со постапката која се води во Кочани, во моментов не може ништо повеќе да се открие од тоа што е содржано во соопштението“,
велат од Обвинителството.
Со одлука на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера беа разрешени пет началници, еден помошник-началник и еден командир во Секторот за внатрешни работи (СВР) во Штип и во Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани. Разрешени се:
- Началник на Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип
- Помошник-началник на Секторот за внатрешни работи Штип
- Началник на Одделение за полиција Штип
- Началник на Одделение за криминалистичка полиција Штип
- Началник на Одделение за внатрешни работи (ОВР) Кочани
- Командир на Полициската станица од општа надлежност Кочани
- Началник на Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани
Како што објасни Тошковски, одлуката за нивно разрешување била донесена со цел да се обезбеди независна и ефикасна истрага. Седумтемина разрешени, како што рече Тошковски, ќе бидат заменети со полициски службеници кои се од Скопје. Ваквата одлука, како што рече министерот, не прејудицира никаква вина за нив, туку е чекор кој треба да гарантира дека процесот ќе се одвива без притисоци, сомнежи или влијанија.