Студеничани, Врапчиште, Центар Жупа, Маврово и Ростуше, Арачиново, Пласница и Желино засега се „рекордери“ по ниската излезеност на првиот круг од претседателските избори
Студеничани и Арачиново не беа во друштво на општините со најмала излезеност на минатите избори одржани на територијата на целата земја – првиот круг на локалните во 2021 година
Седум општини од вкупно 80 во земјава имаат излезеност до 11 часот пониска од 5%, покажуваат податоците што на својата веб-страница ги објавува Државната изборна комисија.
„Рекордер“ во оваа смисла е Општина Студеничани, каде што излезеноста до 11 часот изнесува само 3,82%. Потоа следува Врапчиште со излезеност од 4,32%, па Центар Жупа со 4,47%. Преостанатите општини со излезеност под 5% можете да ги погледнете во графиконот подолу.

Споредено со излезеноста на последните избори одржани на територијата на целата земја, првиот круг од локалните избори во 2021 година, најголем дел од овие општини и тогаш биле меѓу локалните самоуправи со најнизок одзив. На крајот на денот некои имаа одзив од околу 28% (Центар Жупа), додека другите завршија со излезеност од околу 40%.
Но, исклучок на оваа листа се Студеничани и Арачиново. Тие сега се меѓу општините со најнизок одзив, а во 2021 година успеале да го завршат денот со излезеност од над 50%. Поточно, тогаш во Студеничани гласале 50,61% од гласачите, а во Арачиново 57,56%. Споредбата значи дека жителите на овие општини решиле да не излезат на гласање, барем не во претпладневните часови.