Станува збор за најнова генерација респиратори од германски производител ‘Дрегер’, во вкупна вредност околу 140 илјади евра, кои ќе бидат распределени низ здравствени установи во државата
Министерот за здравство Венко Филипче денеска присуствуваше на примопредавањето на нови респиратори, обезбедени во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје. Во оваа прва фаза се испорачани седум респиратори, кои ќе бидат распределени во јавните здравствени установи низ државата, а во претстојниот период е предвидено да се обезбедат уште три вакви апарати.
„Станува збор за најнова генерација на респиратори од реномираниот германски производител ‘Дрегер’, во вкупна вредност околу 140 илјади евра. Тие служат како за инвазивна, така и за неинвазивна терапија, а може да се користат за лекување и на деца и на возрасни. Ова е значајно зајакнување на капацитетите за справување со вирусот, имајќи предвид дека ваква респираторна поддршка е потребна за една сериозна група заболени лица“,
изјави Филипче.
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани истакна дека е потребно континуирано вложување во здравствените системи, со цел да бидат поотпорни на кризата.
„Сега, повеќе од кога и да е, гледаме колку е важно здравствениот систем да биде цврст. Пред сѐ, за да се спасат животи, но и за да се спречи здравствената криза да прерасне во поширока социо-економска криза што во голема мера ќе ги засегне децата и семејствата. На глобално ниво, гледаме дека епидемијата одзема животи и егзистенција, додека здравствените системи се борат, а преземените мерки за спречување на ширењето на вирусот ги затворија училиштата и создадоа предизвици за семејствата. Додека ги јакнеме другите системи да бидат поотпорни на кризата, мора континуирано да вложуваме и во зајакнување на здравствениот систем“,
истакна Ди Џовани.
