Сведоци изјавија дека пилотот се обидел да слета вонредно на фудбалско игралиште пред авионот да се удри во земјата со голема брзина и да удри во работилница за поправка на камиони
Најмалку седум лица загинаа при пад на мал авион во централно Мексико, а уште три се водат како исчезнати, соопштија синоќа мексиканските воздухопловни власти, јави ДПА.

Несреќата се случила во индустриска зона во градот Толука, во близина на локалниот аеродром.
Нема пријави за повредени лица на земја, но ударот на леталото предизвикал пожар, пренесува германската агенција.
Авионот „цесна“ полетал од крајбрежниот туристички град Акапулко на тихоокеанскиот брег и се упатил кон Толука, соопшти Министерството за транспорт. Според извештаите на медиумите, во авионот имало двајца членови на екипажот и осум патници, меѓу кои и три деца.
Во последната комуникација со контролата на летање, пилотот наводно рекол:
„Се уриваме“.
Снимки од безбедносните камери ги забележале последните моменти пред падот.
Сведоци изјавија дека пилотот се обидел да слета вонредно на фудбалско игралиште пред авионот да се удри во земјата со голема брзина и да удри во работилница за поправка на камиони.
Причината за падот засега не е позната, пренесува ДПА.
