Меѓу загинатите се двајца Италијанци, еден Канаѓанец, еден Германец, еден Французин и двајца Непалци што биле ангажирани како водичи, додека осум алпинисти кои биле дел од истата група се спасени и префрлени во Катманду
Најмалку седум алпинисти, меѓу кои петмина странци и двајца Непалци, загинале откако биле погодени од лавина на еден од врвовите на Хималаите во североисточен Непал, пренесе Би-би-си, повикувајќи се на експедициската агенција „Севен самит трекс“ (Seven Summit Treks).

Инцидентот, како што јавува британскиот национален сервис, се случил вчера во 9 часот по локално време (4:15 според средноевропско време) во близина на базниот камп на планината Јалунг Ри, во округот Долаха.
Спасувачки екипи ги пронашле телата на двајца алпинисти, а сè уште ги бараат на преостанатите пет, за кои се верува дека затрупани од снег. Според информациите, осуммина други алпинисти биле спасени од лавината и се префрлени во главниот град на Непал, Катманду, каде што се лекуваат од повредите.
Сите алпинисти биле дел од група која тргнала да се искачува нешто повеќе од еден час пред да се случи лавината, изјавил началникот на окружната полицијата за непалската редакција на Би-би-си.
Според претседателот на експедициската агенција „Севен самит трекс“, Мингма Шерпа, можно е телата на другите петмина починати алпинисти да се затрупани три до четири и пол метри под снегот.
„Ќе биде потребно време да се пронајдат“,
додал тој.
Меѓу загинатите се двајца Италијанци, еден Канаѓанец, еден Германец, еден Французин и двајца Непалци кои биле ангажирани како водичи.
Заменик-началникот на локалната полиција, Гјан Кумар Махато, вчера за Би-би-си изјавил дека хеликоптер за спасување слетал во областа На Гаун во округот Долаха, на околу пет часа пешачење од базниот камп Јалунг Ри.
Еден од повредените алпинисти за „Катманду пост“ изјавил дека постојано повикувале помош, но реакцијата на спасувачите доцнела.
„Доколку спасувачките екипи пристигнеа на време, можеа да се спасат повеќе животи“,
изјавил тој за непалскиот весник.
Махато во изјавата за новинарите рекол дека спасувачките напори биле попречени од лошите временски услови и проблеми во логистиката, што го отежнало летањето на хеликоптер, како и пристигањето на спасувачите до местото пеш.
„Катманду пост“ објавил дека групата се подготвувала да се искачи на блискиот врв Долма Канг, кој е на надморска височина од 6 332 метри. Тие претходно планирале да се искачат на Јалунг Ри, висок 5 630 метри, како дел од нивниот распоред за аклиматизација.
Одделно, продолжуваат обидите за спасување на двајца италијански алпинисти кои исчезнале додека се обидувале да се искачат на планината Панбари во западен Непал. Стефано Фаронато и Алесандро Капуто биле дел од група од тројца луѓе кои минатата недела останаа заглавени заедно со тројца локални водичи. Третиот член на групата, Велтер Перлино (65), беше спасен.
Инаку, како што наведува британскиот национален сервис, есента е популарна сезона за планинарите и алпинистите во Непал, бидејќи временските услови и видливоста се подобри. Сепак, ризикот од лоши временски услови и лавини останува.
Минатата недела циклонот Монта предизвика обилни дождови и снежни врнежи низ Непал, поради што голем број луѓе беа заглавени на Хималаите.
Две Британки и една државјанка на Ирска беа меѓу членовите на групата која беше спасена откако се најде заглавена во западниот регион Мустанг.
Суровите временски услови во октомври, исто така, оставија стотици планинари заглавени во близина на Монт Еверест.
Инаку, викендов пет германски планинари загинаа од лавина во Јужен Тирол, северна Италија. Три од жртвите, двајца мажи и една жена, беа пронајдени во саботата, а телата на уште две исчезнати лица, еден маж и неговата 17-годишна ќерка, беа пронајдени следниот ден, објави „Гардијан“.
