Во текот на вчерашниот, шести ден од расправата за ребалансот, беа разгледани 19 амандмани од кои беше прифатен само еден со кој се бараше да се одвојат 2,5 милиони денари за расчистување на индустриската депонија во Нерези
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи амандманската расправа по ребалансот на Буџетот за 2022 година.
Во насока на ребалансот, поднесени се вкупно 204 амандмани од кои над 170 од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два од парламентарното мнозинство.
Во текот на вчерашниот, шести ден од расправата за ребалансот, беа разгледани 19 амандмани од кои беше прифатен само еден со кој се бараше да се одвојат 2,5 милиони денари за расчистување на индустриската депонија во Нерези.
Претходно, беа разгледани уште 13 амандмани, меѓу кои и амандманот поднесен од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), со кој се бараше линеарно покачување на платите во јавниот сектор во износ од 2 806 денари.
Амандманот на ССМ како и оние 13 разгледани амандмани, не беше прифатен, по што Синдикатот стапи во најавениот генерален штрајк секаде онаму каде што е синдикално организиран во јавниот сектор.
Па така, од вчера вработените во војската, полицијата, образованието, здравството, комуналните претпријатија, општините, управата, администрацијата се во генерален штрајк, а на работните места функционира расположлив капацитет од 10 отсто од вработените во јавниот сектор.
ССМ вчера постави 120 столчиња пред Собранието – по едно за секој пратеник и симболично го започна штрајкот, уште еднаш повторувајќи ги своите барања за линеарно покачување на платите и за враќање на правото за регрес за годишен одмор од идната година.
Денеска, пак, истото ова барање ќе го упатат и до владините претставници поставувајќи 21 столче пред Владата – по едно за секој министер.