Триесет и петгодишниот Курц долго време важеше за исклучителен политички талент, уште во текот на неговите рани почетоци

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц денеска пред новинарите соопшти дека целосно се повлекува од политиката. Курц порача дека секогаш давал сè од себе, но го запоставил семејството и поради тоа одлучил да се повлече од политичката сцена.
„Мојот тим и јас работевме речиси деноноќно во последните десет години, но го запоставив сопственото семејство. Кога се роди мојот син, станав свесен за тоа колку убави и важни работи има во животот“,
изјави Курц во своето обраќање.
На крајот од неговата политичка кариера, Курц редовно се бранеше од обвинувања, посебно по оставката од функцијата канцелар која ја поднесе во октомври, откако обвинителството го стави под истрага поради постоење за сомненија за корупција.
„Јас не сум ниту светец ниту злосторник“,
рече Курц.
Триесет и петгодишниот Курц, кој себеси се гледа како жртва во овие настани, долго време важеше за исклучителен политички талент. Уште како министер за надворешни работи со својот став за миграцијата предизвика внимание во странство, а потоа стана најактуелен токму вршејќи ја функцијата канцелар на Австрија.