За конкретниот случај, претходно денеска ВМРО-ДПМНЕ обвини дека возачот на експремиерот Зоран Заев е уапсен за подметнување пожар во Струмичко. Експремиерот демантира дека приведениот бил негов возач или телохранител, додавајќи дека приведениот работел како возач во Општина Струмица
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струмица поведе истрага и предложи притвор против едно лице осомничено за обид за извршување тешко дело против општата сигурност.

Изнесувајќи детали за настанот, од Обвинителството наведуваат дека осомничениот вчера попладне преку социјална мрежа му се заканувал на лице од Струмица дека ќе му ја запали викендицата, а потоа се обидел да ги реализира заканите. Се обидел да подметне пожар на локацијата брана Водоча.
„Со запален факел од хартија и текстил ги запалил гредите на натстрешницата, кои започнале да чадат и да горат. Со тоа предизвикал ризик од пожар не само на објектот, туку и на повеќе други викенд-куќи и на нискостеблеста и високостеблеста вегетација во непосредна близина“,
соопштија од Обвинителството.
Во соопштението не се наведени ниту иницијалите ниту возраста на осомничениот.
За конкретниот настан претходно денеска ВМРО-ДПМНЕ обвини дека возачот на експремиерот Зоран Заев е уапсен за подметнување пожар во атарот на браната Водоча во Струмица. Наводите кои ги изнесе владејачката партија следеа откако утринава дел од медиумите објавија дека е уапсен возачот или телохранителот на Заев, поради сомнение дека намерно предизвикал пожар во Струмичко.
Експремиерот Зоран Заев во изјава за „Фокус“ демантира дека приведениот бил негов возач или телохранител. Рече дека приведениот работел во Општина Струмица како возач за потребите на управата и вработените.