Околу 500 улици и други инфраструктурни објекти во Скопје добија нови имиња откако вчера таква одлука донесе градскиот Совет, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово најави дека ќе поднесе иницијатива пред суд за да се укине ваквата одлука.
Конкретно „зелено светло“ за нови имиња добија 485 улици и 8 моста, како и плоштади и други објекти, а на листата се и старо-новите имиња на неколку улици кои беа променети од претходната градска власт: „Аминта Трети“ повторно е „Ленинова“, „Петре Пирузе“ го доби старото име „Мексичка“, „Јордан Мијалков“ се врати во „Железничка“, „Борис Сарафов“ во „4 Јули“, „Филип Втори“ во „Стив Наумов“ и др.
Останатите нови имиња, пак, најчесто се однесуваат на улиците кои беа именувани со броеви.
„Најголемиот дел од улиците кои добија нови имиња претходно беа именувани или со број или како краци на други улици. Ова го направивме од практични причини, со што се олеснува целокупната организација на нумерирањето на објектите на овие улици. Многу улици добија имиња по личности кои оставија белег на македонската и светската историја, наука и култура. Свои улици добија Блаже Конески, Славко Јаневски, Горан Стефановски, Благоја Георгиевски – Буштур, Енвер Малиќи и многу други кои оставија белег кој долго ќе се памети во скопската и македонската традиција“,
соопшти вчера градоначалникот Петре Шилегов.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека промената на имињата е незаконска и најавува дека ќе ги поништува по судски пат.
„Петре Шилегов направи противзаконска промена на имињата на улиците. Согласно Законот за именување на улици, мостови и инфраструктурни проекти, ваква промена не е можна 6 месеци пред одржување на избори и една година пред одржување на попис. Со ова Шилегов брутално го прегази законот. Воедно ја наруши и процедурата на носење на измените ниту, пак, е дадена согласност од општините која е неопходна согласно законот. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе поднесе иницијатива по судски пат да биде укината оваа противправна одлука на Шилегов“,
соопшти утрово од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
Тие додаваат дека ова ќе значи и минимум 100 евра давачки за компаниите регистрирани на улиците што добија нови имиња.