Според опозицијата, Јовески непрофесионално ја извршува актуелната функција и работи во интерес на власта и од таа причина, според нив, не е соодветен за функцијата уставен судија
Опозицијата со оценки дека не е соодветен за функцијата го критикуваше предлогот актуелниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, да биде избран за уставен судија.
Расправата за Јовески почна вчера, а продолжи и денеска во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

Според опозицијата, Јовески непрофесионално ја извршува актуелната функција и работи во интерес на власта и од таа причина, според нив, не е соодветен за функцијата уставен судија.
„Не презеде дејствија за коишто е задолжен и има дадено заклетва како јавен обвинител. Тоа значи дека свесно и намерно не постапуваше и правеше тешка злоупотреба на службената положба. Јавното обвинителство има надлежности што се точно и прецизно утврдени со Закон и е единствен орган надлежен за дејствија“,
истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски.
Комисиската расправа ќе продолжи по паузата во 15:30 часот, а најавено е дека ќе продолжи и по 18 часот.
Љубомир Јовески е последен кандидат за кој расправа Комисијата. Предложен е од СДСМ покрај другите двајца кандидати, Татјана Васиќ-Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, кои ја добија поддршката од Комисијата.
Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ниту еден не доби поддршка.
Вчера членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата не дадоа поддршка универзитетскиот професор Саво Климовски да биде избран за уставен судија, како предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата освен Климовски ги предложи и Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорката Родна Живковска.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.
