Генералниот секретар на партијата потврди дека актуелниот градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за локална самоуправа Златко Перински се имињата кои фигурираат на анкетите, но додаде оти нема да биде изненадување ако на нив се најде и некое име плус
Кој ќе биде канидидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје и понатаму останува отворено прашање, за кое партиските органи дополнително ќе одлучуваат.

Фаворитот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на главниот град не се најде на листата од 25 кандидати кои на претстојните локални избори наесен ќе се тркаат за градоначалничка функција, а кои Извршниот комитет на партијата ги утврдил на вечерашната редовна седница.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, одговарајќи на новинарско прашање како стојат работите околу изборот на кандидат за градоначалник на Град Скопје рече дека сè уште се прават анкети и анализи.
„Сè уште се водат анкети и анализи и од страна на Извршниот комитет, меѓутоа и од страна на куќите кои се ангажирани за анкети. Повеќе имиња се во оптек во анкетите, па ќе видиме набрзо и за името за Град Скопје“,
рече тој.
Сајкоски потврди дека актуелниот градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински се имињата кои фигурираат на анкетите, но, додаде оти нема да биде изненадување ако на нив се најде и некое име плус.
„Па, едноставно споменувани се многупати досега имањата што се во оптек, така што нема потреба (да ги повторува). Засега се тие, меѓутоа не е изненадување ако некој плус од тие што ги споменавте биде ставен на анкети“,
изјави Сајкоски, прашан дали може да сподели некои од имињата што се анализираат и дали освен Перински и Ѓоргиевски има и некој друг.
Прашан кога ќе биде познат кандидатот за градоначалник на Скопје, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, не даде прецизен одговор, но кажа оти целта на партијата е да го избере најдобриот кандидат.
„Следното објавување на кандитати би требало да биде до 10 јуни и после тоа ќе видиме како што ќе оди динамиката со другите кандидати така ќе биде објавено и името на кандадатот за Град Скопје. Целиме да го избереме најдобриот кандидат за Град Скопје за да може да помогнеме на граѓаните максимално и преку централната власт и преку локалната за да имаат подобар квалитет на живот“,
рече тој.
Актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски како и министерот за локална самоуправа, Златко Перински не ги кријат своите амбиции да бидат кандидати за градоначалничката функција во главниот град.
Ѓорѓиевски уште лани изјави дека би го прифатил предизвикот, но само доколку за тоа одлучи партијата, но и граѓаните.
И Перински, одговарајќи на прашања на оваа тема изминатите неколку месеци, изјавуваше дека партијата ќе одлучи кој ќе биде кандидат за градоначалник според анкетите што се прават.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги соопшти имињата на кандидатите кои ќе се борат за градоначалничката функција во 25 општини на претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври.
Најголемиот дел од нив се веќе актуелни градоначалници, кои се досегашната работа ги потврдиле своите квалитети и ја заслужиле довербата повторно да бидат кандидирани за градоначалници.
Од поголемите општини на претстојните избори за нов мандат ќе се борат градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, за Охрид кандидат е Кирил Пецаков, за општина Штип, Иван Јорданов, за Битола Тони Коњановски, а за градоначалничката функција во скопската општина Бутел кандидат, исто така, е актуелниот градоначалник Дарко Костовски.