Градинките ќе бидат отворени кога ќе биде безбедно, а дотогаш важат уредбите на Владата за ослободување на еден родител од работа
Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ рече дека се подготвува протокол со кој ќе се овозможи повторно отворање на градинките и нивно безбедно функционирање.
На протоколот работат заедно со Комисијата за заразни болести, но до конечна одлука за тоа кога ќе се отворат градинките, таа потсети дека важи уредбата на Владата, за ослободување на еден родител од работа за дете до 10 години.
„Во секој случај, сакаме да порачаме дека децата нема да останат незгрижени. Значи, услугите кои стојат на располагање дали значат отворање повторно на градинките или продолжување на мерките што сè уште важат, а тоа е ослободување од работа и работни активности на родител кој се грижи за дете што посетувало градинка или дете до 10-годишна возраст, сè уште се во сила и тие продолжуваат да важат“,
рече Шкријељ.
Исто така, продолжува да важи и Уредбата за пролонгирање на породилното отсуство на сите мајки на кои породилното отсуство им завршува сега за времетраење на вонредната состојба.
„Повторно ќе порачаме дека децата нема да останат незгрижени, а самата одлука кога ќе се случи отворањето на градинките ќе се донесе земајќи ги предвид првенствено здравјето и безбедноста на нашите деца“,
истакна Шкријељ.
