Претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, изјави дека напорите за средба со раководството на претпријатието не вродиле со плод
Вработените во „Флораком“ и „Луна“ – фирми ќерки на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“-Скопје денеска повторно излегоа на протест блокирајќи го булеварот „Илинден“ поради неисплатените плати за јуни.

Претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски, изјави дека напорите за средба со раководството на претпријатието не вродиле со плод и дека се соочуваат со игнорантски однос.
„За една недела треба да се исплати платата за јули, меѓутоа тешко дека и за таа плата ќе се стигне до 15 како што е законскиот рок. За жал, нашите напори да се сретнеме со раководството на ЈП ‘Паркови и зеленило’ не вродија со плод и повторно наидуваме на еден игнорантски однос и покрај тоа што од страна на Советот на Град Скопје пред 10 дена за претпријатието беа изгласани субвенции во висина од 80 милиони денари. Очекувавме дека со тие субвенции ќе бидат исплатени овие две плати, меѓутоа вработените повторно останаа без плата“,
изјави Кашиковски на денешниот протест.
Претседателот на СУТКОЗ додаде дека во двете фирми ќерки на „Паркови и зеленило“, меѓу другото, работат хронично болни лица, а дел од нив и онколошки пациенти кои се оставени без здравствено осигурување.
„Кога го одржавме минатиот протест од страна на раководството, ни беше ветено дека за овие две фирми платата ќе се исплаќа истиот ден кога ќе земат плата вработените во ‘Паркови и зеленило’, меѓутоа, за жал, сведоци сте дека тоа не се случи и вработените повторно се оставени без плата и без здравствено осигурување“,
додаде Кашиковски.
Тој најави дека протестите и блокирањето на булеварот „Илинден“ ќе продолжат сè до исплата на платите за јуни и јули за вработените во „Флораком“ и „Луна“. Во двете фирми се вработени околу 63 лица.