Ангелов, кој вели дека во овој момент изгаснатата лева линија на пожарот кај Јажинце покажува жешки точки и знаци на разгорување. Поради тоа, додава Ангелов, активиран е полицискиот хеликоптер кој со прецизно фрлање на вода дејствува точка по точка

Пожарите ка селото Јажинце, Општина Јегуновце и во повеќенаменското подрачје „Јасен“ сè уште се активни, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
За пожарот кај Јажинце утринава информираше и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој вели дека во овој момент изгаснатата лева линија покажува жешки точки и знаци на разгорување. Поради тоа, вели Ангелов, активиран е полицискиот хеликоптер кој со прецизно фрлање на вода дејствува точка по точка.
„Еден крак од пожарот се движи во насока на селото Дворце кон скопската страна“,
додава Ангелов.
Тој додава дека на лице место се наоѓаат пожарникари со навални возила од територијалните противпожарни единици од Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци, како и локално население.
Вчера попладне пожарот кај Јажинце беше ставен под контрола, но вечерта повторно се разгоре.
Ангелов вели дека поради лесно горливата висока трева, грмушки и смреки пропратени со подзасилен ветер, пожарот станал подолг од еден километар движејќи се во насока на магистралниот пат Тетово – Јажинце.
„На патот бргу поставивме одбрана со десет противпожарни цистерни, осум ‘пинцгауери’ и еден воден топ на МВР за да не дозволиме огнот да помине преку патот, доколку дојде до него“,
кажа Ангелов додавајќи дека откако ветрот станал поволен се создале услови за ноќно гаснење.
Тој објаснува дека гаснењето се одвивало во две фази, гаснење, контролирање и догаснување на изгаснатата линија.
„Некаде околу три часот по полноќ е совладана целата лева огнена линија во должина поголема од еден километар. Десната огнена линија беше далеку и поради тешко пристапниот терен обраснат со густа вегетација полна со трње, не можеше да се пристапи“,
додава Ангелов.