Две згради се урнаа во центарот на францускиот град Лил, а спасувачки екипи во текот на целиот ден се на терен во потрага по лица кои можеби останале затрупани, пренесуваат француските медиуми. Според првичните информации, нема жртви, а едно лице се води како исчезнато. „Си-Би-Ес Њус“ повикувајќи се на локалната спасувачка служба соопшти дека се трага по лекар за кој има сомнежи дека е под урнатините, бидејќи не одговарал на телефонските повици.
Зградите се наоѓаат на централна шопинг улица, а тамошните власти информираат дека жителите биле евакуирани во текот на ноќта како мерка на претпазливост откако едно лице пријавило сомнителни пукнатини.
„Еден млад човек се вратил дома во 3 часот по полноќ и констатирал дека ѕидот на зградата е искривен. Тој ја предупредил општинската полиција и пожарникарите, кои решиле да ја евакуираат зградата, сметајќи дека постои реален ризик“,
изјави градоначалничката Мартин Обри.
Една од урнатите згради била на три ката и во фаза на реновирање. Кога се урнала, ја повлекла и соседната зграда. Инцидентот се случил пред дуќаните на шопинг улицата да почнат со работа. Екипи за истражување се на местото на настанот, а областа е затворена.