Бетонскиот ѕид поставен на брегот на Охридското Езеро на плажата Градиште од утринава се урива. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, на Фејсбук сподели фотографии од кои се гледа градежна механизација која ги отстранува остатоците од „парапетчето“.
„Градежен, комунален инспектор и инспектор за животна средина, утрово извршија увид по што беше констатирано дека изведувачот нема постапено согласно издаденото решение за отстранување. Согласно тоа, денес започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид“,
напиша Георгиески.

Вчера од невладината „Охрид СОС“ споделија фотографии од ѕидот кој речиси навлегува во езерото, и покрај забраната за градба и покрај Планот за управување со Охридскиот Регион, кој според власта требаше да стави крај на урбаниот хаос во целиот Охридски Регион.

По објавувањето на информациите во јавноста за т.н. „парапетче“, градоначалникот Георгиески реагираше на социјалните мрежи дека локалната власт не издала одобрение за градење.
Инспекциските служби на 24 март годинава, како што објасни тој, направиле записник и била издадена наредба сопственикот самиот да го отстрани бетонскиот ѕид, и доколку не го направи тоа во законскиот рок, општината ќе го урне на трошок на изведувачот.
