Во новиот пакет рестрикции кои ги усвои Владата на денешната седница е што од утре (28 април) престанува да важи забраната за организирање и одржување на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.
Забраната за вакви настани беше воведена на 5 април, а потоа беше направен исклучок само за оние кои се организираат за наставниот кадар од Министерството за образование и наука (МОН).
Покрај овие мерки, како што е познато, од утре полицискиот час наместо во 20, ќе почнува во 21 часот и ќе трае до 5 часот наутро. Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за време на верскиот празник Рамазан бајрам.
Од утре ќе почнат да работат и терасите на угостителските објекти.
На сила ќе остане, пак, забраната за работа на сите вежбални, фитнес-клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор. Исклучок од оваа забрана е за оние кои можат работата да ја организираат на отворено со примена на мерките за лична заштита.
Овие мерки се на сила до 15 мај.