Според проценките на властите, осомничениот е маж на возраст меѓу 30 и 40 години, но снимките не откриваат повеќе за неговиот идентитет. Бидејќи тој сè уште е на слобода, на локалните жители им се советува да останат во затворен простор

Полицијата и ФБИ трагаат по напаѓачот што синоќа уби двајца, а рани деветмина студенти на универзитетот „Браун“ во градот Провиденс, во сојузната американска држава Род Ајленд.
Како што пренесуваат американските и светските медиуми, непознат маж отворил оган во зградата „Барус енд Холи“, во која се сместени Инженерскиот факултет и Катедрата за физика, во моментот кога таму се одржувале испити.
Полицијата објави видео од безбедносните камери, на кое се гледа како осомничениот оди по улица облечен во темна облека. Според проценките на властите, станува збор за маж на возраст меѓу 30 и 40 години, но снимките не откриваат повеќе за неговиот идентитет. Бидејќи тој се уште е на слобода, на локалните жители им се советува да останат во затворен простор.
Help find this Person of Interest.
— FBI (@FBI) December 14, 2025
If you have any information, please call 1-800-CALL-FBI (225-5324) or https://t.co/iL7sD5efWD. pic.twitter.com/AkFDVtOCmw
„Осомничениот е маж, веројатно на возраст меѓу 30 и 40 години, облечен во црно, кој последен пат бил виден како ја напушта зградата каде што се случило пукањето“,
изјавил заменик-шефот на полицијата во Провиденс, Тимоти О’Хара.
Градоначалникот на Провиденс, Брет Смајли, информираше дека девет лица се повредени во нападот, од кои осум се во критична состојба, додека деветтиот е надвор од животна опасност.
Претседателката на универзитетот, Кристина Паксон, потврди дека сите убиени или повредени лица биле студенти на „Браун“, една од најпрестижните образовни институции во САД.
„Полицијата во Провиденс советуваше дека нашиот кампус мора да остане во карантин. Приоритет е да се обезбеди безбедноста на сите“,
рече таа.
Сите испити закажани за денеска ќе бидат одложени.
Паксон, исто така, даде ажурирање за состојбата со повредените. Еден од деветте повредени студенти е пуштен од болница. Од осумте што се хоспитализирани, шестмина се во критична, но стабилна состојба, еден е во критична, а еден во стабилна состојба.
