Рамазан Бајрам се слави три дена, а доаѓа по едномесечниот строг пост. Рамазан е месец на добрината, љубовта и на милоста
Верниците од исламска веросиповед денеска го слават празникот Рамазан Бајрам, кој се смета за еден од петте столбови на исламот и за празник за духовно и за телесно прочистување.
По утринската молитва, верниците ги посетуваат гробиштата на своите роднини.
Рамазан Бајрам се слави три дена, а доаѓа по едномесечниот строг пост. Рамазан е месец на добрината, љубовта и на милоста.
Празникот Рамазан Бајрам е неработен за сите граѓани во државава.
По повод празникот Рамазан Бајрам, вчера Реисул Улема Шаќир Фетаи упати честитка до верниците од исламска вероисповед.
„Празникот Рамазан Бајрам е триумф на доброто над злото, на духовноста над страста и емоциите, на моралот над неморалот, на искреноста над измамата, на акцијата над небрежност, на оптимизмот над очајот, на достоинство над нестабилност, на трпение над нетрпеливост, на божествено над сатанско. Сето тоа нас не прави личност на дејствување во негувањето на доброто и избегнувањето на злото. Ова е вистинскиот пат и ова е подигање на свеста на верникот кој во вистински момент е подготвен да даде одговори на предизвиците и ситуациите кои ги носи времето во кое живееме“,
вели реисот Шаќир Фетаи.
Жедта и гладта за време на постот, како што се наведува, ја зајакнаа нашата грижа за човекот, така што ние денес на овој голем ден сме посолидарни и похумани од кога било досега, и овој принцип теоретски и практично го дефинира чувството на мир, толеранција, хуманизам и солидарност.
„Да се биде достоен припадник на исламот и да се пости месецот Рамазан со најголема посветеност, значи да се биде чист во намерите и целите, во душата и срцето, во животот со луѓето и светот околу тебе, непоколебливи во провокациите и предизвиците на животот за да ги надминете, близок со луѓето, праведен во секојдневниот живот, простување на пропустите од другите, како и вистински помошник на луѓето, нагласува Фетаи. Според него, најголем предизвик денес е војната. – Рамазан со неговите вредности, како и овој голем ден, нас не учи дека војната е туѓа за исламот, додека мирот е најскапоценото на човекот и неговата главна цел и дека целиот потенцијал на верникот треба да се стави во негување на мирот и благосостојба меѓу луѓето каде и да живеат и работат, бидејќи според исламот, да се спаси човечки живот е како да се спаси целото човештво, а да се убие човечки живот е како да се убие целото човештво“,
истакна реисот во прзничната порака.

Најискрено, ви посакувам празничните денови да ги поминете во кругот на најблиските, во одлично здравје и во добро расположение, се вели во честитката од претседателот на државата Стево Пендарвски.
„Светиот месец Рамазан е месец на пост, дарување, простување, месец на зајакнување на вербата, разбирањето и почитувањето на другите. Со заедничко празнување на овој како и на останатите верски празници јасно упатуваме порака дека меѓуверската и меѓуетничката толеранција, взаемното разбирање и почитта, се столбовите на македонското општество. Само сплотени можеме да ги надминеме здравствените, економските и енергетските кризи како и сите евентуални безбедносни закани. Токму празничните денови се потсетник дека обединети, солидарни и со чиста мисла и со чисто срце, можеме да изградиме просперитетно општество и подобар, поспокоен и подостоинствен живот за сите граѓани“,
истакнува Пендаровски.

По повод првиот ден на Рамазан Бајрам, претседателот на Собранието Талат Џафери упати честитки до сите припадници на исламската вероисповед во земјава и надвор од неа, со надеж, како вели дека месецов што го оставаме зад нас, постењето, посветените молитви и добрите дела кон човечките суштества во потреба успеаја да ни ги исчистат душата, мислите и телото од негативните мисли, отровните влијанија и незавидните постапки.
„Ова се тешки времиња на искушенија за човештвото, кризите се надоврзуваат една по друга. Нека празникот не сплоти сите во молитвите, нека донесе мир, хармонија и благосостојба за сите“,
се вели во честитката.
Во видеочеститката од премиерот Димитар Ковачевски, пак, се истакнува дека Рамазан Бајрам е празник на обновата на духовната сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност.
„Овие вредности оваа година имаат посебно значење заради актуелната глобална криза. Во овие услови, Рамазан Бајрам повикува да се соочиме со предизвиците и врз начелата на почитување и солидарност да продолжиме заедно по патот што го избравме, здружено и единствени. Градиме заедно едно општество за сите граѓани, со еднакви шанси за секој и знам дека само заедно ќе успееме најбрзо и најбезболно да ги пребродиме сите, па и овие последиците од кризата“,
истакнува Ковачевски.
„Животот и традицијата на разбирање, соживот и взаемна почит покажале дека сплотени сме ги постигнувале најголемите успеси за нашата татковина Македонија. Благосостојбата на секој еден човек, за секое едно семејство, за целата наша држава е нашата цел. Мораме да се обединиме околу принципите кои значат подобра иднина за сите и тоа ќе бара голема посветеност и работа. Доволно долго Македонија е заложник на криминалот и корупцијата на елитите поради која Македонија ја имаме се помалку, а народот ни живее се посиромашно. Тоа мора да го промениме и тоа ќе го направиме заради иднината на сите наши идни поколенија“,
порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во честитката за Рамазан Бајрам.