Таа напомена дека има упатство според кое налозите во Трезорот стојат по 15 дена заради дополнителните проверки, а исто така има и даночен календар според кој има одредени денови од месецот кога се собираат даноците и нема логика да се затвoра Трезорот ако даноците се собираат до 25-ти во месецот

Трезорот работи, работите се извадени од контекст и нема простор за паника, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска по објавите дека трезорот денеска се затвора поради немање прилив и дека ќе бидат стопирани сите исплати.
Според Димитриеска – Кочоска, прашањето е излезено од контрола и доаѓа од опозицијата која, како што рече, треба да се средува во своите редови.
„Не сме го заклучиле Трезорот. Трезорот работи. Друго е рокот што сме им го дале на институциите да ги достават налозите до трезорските канцеларии. Тоа значи секоја институција да ги достави налозите до 15-ти за да може да се организираме и да се следи исплатата со 31 декември“,
рече Димитриеска – Кочоска одговарајќи денеска на новинарски прашања.
Таа напомена дека има упатство според кое, налозите во Трезорот стојат по 15 дена заради дополнителните проверки, а исто така има и даночен календар според кој има одредени денови од месецот кога се собираат даноците и нема логика да се затвара Трезорот ако даноците се собираат до 25-ти во месецот.
„Напротив, имаме приливи и ги планираме одливите. Не знам зошто се вадат сите работи од контекст. Пред почетокот на овој месец имаше коментари дека и пензиите нема да се исплатат навреме, па гледате дека пензиите се исплатија навреме. Се она што стигнува во Трезорот како налози, се исплаќа навремено“,
додаде министерката.
Појасни дека налозите ќе се примаат до 15-ти во месецов што не значи дека ако некој задоцни, нема да биде примен налогот.
„Многу несериозно е да се каже Трезорот затвора. Трезорот ги прибира налозите со цел подобро да се организира до крајот на годината. Како ќе затвориме, клуч ќе ставиме на Министерството и ќе одиме на зимовање. Не е така, Трезорот ќе си работи до 31 и тоа е вообичаено. Трезорот е единствениот сектор во Министерството што останува до седум – осум часот, имало и години до 11 часот навечер кога Трезорот работел“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Во однос на информациите дека се доцни со исплатата на социјалните трансфери, министерката за финансии тврди дека во Трезорот не стојат налози за исплата.
„Доколку има задоцнување, тогаш тоа е во ресорните институции при подготовка на налозите. Од она што го имав добиено како податок од Министерството за социјална политика беше дека имаат нови потпишани решенија кои чекаат да се стават во систем и да почне исплатата наеднаш. Тогаш да проверите во рамки на самите министерства решенија што не се потпишувале од септември бидејќи сме биле во избори така што не станува збор за тоа дека Трезорот не исплатил. Во петокот имавме исплата на три милијарди од кои две милијарди и 400 се само блок дотации за образование каде е вклучена и исплатата на К-15“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Тврди дека Буџетот е во одлична кондиција и дека обврските нема да останат несервисирани. Вели се тече во рамки на предвиденото и дека ништо не е поразлично од претходните години.
„Ќе го видите тоа до крајот на годината. Пред боговите и фактите молчат. Ќе дојде 31 декември, ќе се видиме повторно, ќе видиме каква е реализацијата“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Прашана за кратење на средства за ретки болести, Димитриеска-Кочоска вели дека се што институциите побарале од Министерството за финансии, е реализирано.
„Секоја од институциите си добива лимит, а како ќе го распредели лимитот внатре, одлучуваат сами. Ние имавме донесено буџет како предлог од Министерството за финансии на Влада. Поедини министри си побараа – не оваа ставка, вратете ми таму, ставете ваму. Кој што побарал во рамки на лимитот, така му е реализирано. Јас не можам да одговарам на прашањата зошто е скратено за ретки болести. Приоритетите на министрите ги одлучуваат самите тие. Ние како Министерство за финансии делиме лимити, а секој сам во рамки на своите лимити, одлучува што е негов приоритет“,
додаде Димитриеска-Кочоска.
Вчера и премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека Буџетот е празен и дека трезорот се затвора на 15 декември, нагласувајќи дека државната каса е ликвидна и сите тековни обврски се извршуваат.
